ИСТОРИЈА
Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” е формирана на 23 ноември 1944 година со одлука на АСНОМ како „Народна библиотека” и е сместена во просториите на Централната библиотека на предвоениот Филозофски факултет во Скопје. Таа е основана во 1920 година како прва универзитетска библиотека во Македонија. Првичниот наследен фонд изнесувал околу 150. 000 единици, а Библиотеката имала 50 читателски места и дванаесет вработени.
Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје е централна национална библиотечна установа во Македонија и претставува највисока библиотечно-информациска и културна институција во земјата. Нејзината основна мисија е собирање, обработка, чување и заштита на националниот библиотечен фонд, како и обезбедување пристап до информациски ресурси за научни, образовни и културни потреби. Библиотеката има улога на национален депозитар во кој се собираат сите изданија објавени во земјата, со што се обезбедува систематско зачувување на пишаното културно наследство. Покрај традиционалните библиотечни функции, НУБ развива и современи дигитални услуги, вклучувајќи ја дигитализацијата на ракописи, стари книги, периодика и други ретки материјали. Во рамките на својата дејност Библиотеката активно учествува во меѓународната соработка, размената на информации и развојот на библиотечно-информациски стандарди. Таа претставува и значаен културен и научен центар во кој се организираат изложби, промоции, научни настани и образовни активности. Со својата повеќедецениска работа, НУ НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје има клучна улога во зачувувањето, афирмацијата и промоцијата на македонското културно наследство.



Добивајте новости
Зачленете се за да ги добивате нашите последни објави.